Велигден

Како се славел Велигден пред 100 години?

13.04.2026 18:18

Записите на преродбениците и хроничарите од пред повеќе од сто години укажуваат дека охриѓани главно останале верни на традициите и обичаите кога се слави Велигден. И тогаш и сега, велигденските празнувања се можност за сплотување на семејствата, при што владее христијанската љубов и разбирање.

Одбележувањето на Велигден во Охрид кон крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век и денес е скоро подеднакво. Тоа значи дека охриѓани љубоморно ги чуваат традициите и обичаите, што го потврдуваат и хрониките на Кузман Шапкарев, Ефтим Спространов и други преродбеници. Како што вели хроничарот на Охрид, Никола Митровиќ, него го фасцинираат пишуваните сведоштва како она на Танасија Волкова Дајова, првата жена фотограф во градот, која укажува како во тој период се славел Велигден.

„После богослужбата во самата куќа имало богата трпеза, она како што охриѓани го викале „што дал Господ“ и на таа трпеза прв седнувал најстариот член, а потоа сите други членови. Прв каснувал од таа софра најстариот член, а потоа се кршеле јајца. Таа софра преку вечерта се покривала со чаршаф за утредента одново да може да се јаде“, изјави доц. д-р Никола Митровиќ – историчар и хроничар на Охрид.

Во својата приватна архива Митровиќ ги поседува записите на етнологот Бранислав Русиќ, во кои пишува како во охридско-преспанскиот регион се славел Велигден, посочувајќи дека секое маало имало некои свои обичаи.

„Сржта на самото славење било уникатно. Сепак укажува особено на она што значи паликоси, коешто ние го имаме типично во градот Охрид, дури и несвојствено за другите градови. А тоа е дека на Велики Четврток, на Велики Петок и така натаму, со свеќите децата ги потпалувале косите едни на други. Можеби влечи некој пагански обичај, меѓутоа во Охрид и тоа е еден вид церемонијален обред“, изјави доц. д-р Никола Митровиќ – историчар и хроничар на Охрид.

Интересно е и сведоштвото на Милка Шандова од илјада деветстотини и шеснаесеттата година во кое се посочува дека граѓаните без разлика на материјалниот статус за Велигден на своите дечиња им купувале нова облека и чевли, а со тоа се укажувало дека со воскресението Христово започнува еден нов живот.

Сашо Нелоски