Американска блокада на иранските пристаништа
По неуспехот на САД и Иран да постигнат договор за крај на војната на Блискиот Исток и американска блокада на иранските пристаништа, цените на нафтата повторно скокнаа над 100 долари за барел. Трамп тврди дека причината за пропаднатите преговори во Исламабад е желбата на Техеран да поседува нуклеарно оружје. Неговиот колега Пезешкијан, пак, обвини дека САД имаат двојни стандарди.

Примирјето во Иран „се држи добро“ – оценува Вашингтон, додека САД го засилуваат притисокот врз Техеран по неуспешните преговори во Исламабад. Трамп нареди блокада на иранските пристаништа поради одбивањето да се отвори Ормускиот теснец, нагласувајќи дека нема да ги попречуваат бродовите што транзитираат низ него. Се закани со остри мерки против секој напад врз бродови и најави забрана за пловила што плаќаат транзитни такси на Иран. Порача дека САД нема да дозволат Иран да добие нуклеарно оружје.
„Тие не ги исполнија своите обврски, ги прекршија ветувањата и тоа ќе има последици. Во меѓувреме, ќе преземеме мерки за да се заштитат нашите интереси и енергетската безбедност. Стапува во сила блокадата. Други земји работат на тоа Иран да не може да продава нафта, и тоа ќе биде многу ефикасно“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
САД имаат двојни стандарди, изјави неговиот ирански колега Пезешкијан. Техеран порача дека нема да попушти под закани, оценувајќи ги изјавите на Трамп како „нормални за поразен претседател“.
„Трамп ги искажува своите желби, соништа и барања кои никогаш не се оствариле и нема да се остварат. Заканите што ги даде по разговорите се дел од тоа-нормално е за поразен претседател да зборува на овој начин. Ако не користеше таков јазик и реторика, сметам дека обемот на неуспехот би станал неприфатлив дури и за американската јавност“, Ебрахим Азизи – претседател на Комисијата за национална безбедност на Парламентот на Иран.
Иранската револуционерна гарда предупреди дека ниедно пристаниште во Персискиот или Оманскиот Залив нема да биде безбедно ако нивните се загрозени, а секој воен брод што ќе се приближи до поморската рута ќе биде санкциониран.
„Секој воен брод што ќе се приближи до теснецот ќе се смета за прекршување на примирјето и ќе биде „остро и одлучно“ санкциониран“, изјави објава на Исламската револуционерна гарда.
Иранските медиуми објавија снимка за наводен инцидент меѓу морнарицата на Револуционерната гарда и американски разурнувач во близина на Ормускиот теснец, по што американскиот брод го променил курсот.
„Мора веднаш да го промените курсот и да се вратите кон Индиски Океан. Ако не ја извршите мојата наредба, ќе бидете цел“, изјави офицер на иранската морнарица
„Извршуваме транзит според меѓународното право. Немаме никаква намера за конфронтација“, изјави офицер на американската морнарица.
Најновите тензии предизвикаа неизвесност и нов раст на цените на нафтата. Американците наскоро ќе бидат носталгични за бензин од 4 долари-предупреди Техеран. Меѓународната заедница повикува на продолжување на преговорите и отворање на теснецот.
„Сакаме да видиме продолжување на мировните преговори и крај на овој конфликт. Тој има разорно влијание врз глобалната економија, и колку подолго трае, толку поголемо ќе биде влијанието“, изјави Ентони Албанезе – премиер на Австралија.
Во меѓувреме Израел продолжи со нападите во Либан наспроти утрешната средба во Вашингтон за мировни разговори и разоружување на Хезболах.
Бојана Крстевски
