Унгарија

Орбан падна, Маѓар убедлив победник на изборите

13.04.2026 17:35

Унгарија ја избра Европа – ова се пораките од Брисел кои ги добива Петар Маѓар, опозиционерот што успеа по 16 години да го собори Виктор Орбан од власт. Победата на партијата „Тиса“ е убедлива со освоено двотретинско мнозинство во Собранието. Орбан го призна големиот пораз, Маѓар уверен дека успеале да го ослободат системот.

Почеток на нова политичка ера во Унгарија. По победата на Петар Маѓар и „Тиса“, Виктор Орбан и Фидес по 16 години на власт заминуваат во опозиција. Маѓар најави дека во рамки на новото поглавје, отворено од граѓаните, по формирањето на владата, ќе почне со реформи во правосудството, медиумите и односите со Европската унија.

Тиса и Унгарија победија на овие избори. Остваривме победа и тоа многу, многу голема. Заедно го сменивме режимот на Орбан, заедно ја ослободивме Унгарија и си ја вративме татковината“, изјави Маѓар.

Орбан веднаш му ја честиташе победата на својот поранешен соработник и истакна дека изборните резултати се јасни.

„Изборните резултати се болни за нас, но се јасни. Можноста и одговорноста да владееме, не ни беше доверена. Никогаш досега не сме работеле толку многу, како што работевме во оваа кампања, а доказ е тоа што успеавме да освоиме два ипол милиони гласови“, изјави Орбан.

Изборите во Унгарија се следеа со глобален интерес, а победата на Маѓар се очекува да има значително влијание врз целокупните политички случувања во Европската унија.

„Очекувам да се насочиме кон Европа и кон Украина“, рече анкетиран.

„Конечно, нема да правиме сојузи со Русија, туку ќе ја поддржиме Европската унија. Ќе имаме европски вредности, демократија и владеење на правото“, додаде жител.

„Очекуваме повторно да се поврземе со Европа и со останатите меѓународни партнери“, рече друг.

Унгарија ја одбра Европа, земјата се врати на вистинскиот пат, истакна претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајн.

Меѓу првите кои му упати честитки на Маѓар беше и полскиот премиерот, Доналд Туск.

„Здраво Петер, јас сум навистина среќен. Мислам дека сум дури и посреќен од тебе“, рече Туск.

Победата на Маѓар се очекува да отвори ново поглавје во односите меѓу Брисел и Будмпешта, кои беа особено затегнати во последниот период од владеењето на Орбан. Евопската унија воведе финансиски санкции, но и дневни казни за Унгарија поради одбивањето да прифати распределба на мигранти. Орбан пак, возврати со блокирање на дел од одлуките на унијата, како на пример за финансиска поддршка на Украина.

Марија Котовска