Македонија

Расчистување на инцидентот во еврејската заедница

13.04.2026 16:45

МВР презема мерки за расчистување на случајот, велат од полицијата, откако еврејската заедница информираше за обид за опожарување на нејзиниот објект и на синагогата од засега непознати лица, кои користеле канистри со гориво. Еврејската заедница смета дека ова не е само напад врз верски објект, туку и удар врз соживотот, достоинството и заемната почит. Побара, јазикот на омразата да стивне, но и да се направат измени на кривичниот закон. Власта го осуди инцидентот и порача – одговорните ќе бидат изведени пред лицето на правдата.

Чин што не е само напад врз еден верски објект, туку длабоко вознемирувачки удар врз соживотот, достоинството и заемната почит – еврејската заедница во Македонија бара целосно расчистување на обидот за опожарување на нивното седиште и на синагогата. На снимките од безбедносни камери што беа објавени, се гледаат две лица како ја прескокнуваат оградата и со канистери со гориво подметнуваат пожар. Јазикот на омраза мора да стивне – велат од еврејската заедница.

Еврејската заедница прстот не го вперува кон никого, но е разочарана од инцидентот.

Инцидентот се случи во раните часови во неделата, а го пријавил сосед.

Израелската амбасадорка, Вивиен Ајсен побара случајот целосно да биде расветлен и одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата. Осуда стигна и од шефот на дипломатијата.

Муцунски го осуди инцидентот.

„Подметнатиот пожар во зградата на Еврејската заедница и синагогата во Скопје — на Велигден — е целосно неприфатлив и најостро се осудува. За вакви чинови нема место во нашето општество. Истрагата е во тек, а одговорните ќе се соочат со последиците. Нашето општество цврсто стои на принципите на толеранција и мултиетнички соживот.“, – стои во соопштението од МНРМТ.

По војната на Блискиот исток, Советот за безбедност на 1 март даде насоки за обезбедување на објектите на еврејската заедница.

 

Наташа Гркова - Петрушевска