Козле

„Козле“ полно со болни дечиња за празниците

13.04.2026 16:04

И многу родители имале немирни ноќи за време на велигденските празници. Амбулантите во „Козле“ полни со болни дечиња. Дневно имало и по 200 прегледи, а 60-ина деца се хоспитализирани. Во овој период доминираат горнореспираторните инфекции.

За продолжениот викенд се испразни градот, но не амбулантите во Клиниката за респираторни болести кај деца Козле. Биле полни со болни деца.

Течење на носот, кашлица, болка во грлото и покачена температура се најчестите причини поради кои родителите ги носеле децата на преглед во амбулантите во Козле. Лекарите прегледувале и по 200 деца за 24 часа.

Докторката Мирјана Поповска вели дека е добро што доминираат горнореспираторни инфекции.

Меѓу шеесетината деца кои се на болничко лекување има и деца со алергиски ринитис и алергиска астма. Докторката Поповска објаснува дека неретко тие доаѓаат со тешки опструкции на белите дробови, тешко дишење и глад за воздух, па им е потребна кислородна поддршка.

Во Клиниката за детски болести во Клиничкиот центар Мајка Тереза во дежурните амбуланти имало до 100 деца на преглед, најчесто со цревни инфекции. Од Итната медицинска помош велат дека градот е празен па според нив тоа е причината да не се зголеми бројот на интервенции. Имале неколку повици од граѓани кои претерале со јадење, но најголем број јавувања биле од пациенти со хронични заболувања.

 

Наташа Јанчиќ-Менковски