САД ја почнаа блокадата на Ормускиот теснец
Почнаа блокадите на Ормускиот теснец. Брисел со остри критики за затворањето на протокот на танкери. Потпретседателот Џ.Д. Венс го повика Иран да се откаже од нуклеарната програма. Техеран порача дека е отворен за нова рунда разговори, но без незаконски барања од американска страна.

САД ја почнаа блокадата на иранските пристаништа откако мировните преговори завршија во ќор-сокак. Трамп предупреди дека сите ирански бродови кои ќе се обидат да се приближат до блокадата ќе бидат веднаш елиминирани. Сепак, танкер под санкции успеал да помине низ протокот, и покрај актуелната американска блокада на овој клучен поморски коридор, објави Ројтерс. Потпретседателот Венс ја обвинува иранската влада за чин на економски тероризам со блокирање на сообраќајот низ Ормускиот теснец.
„Претседателот на Соединетите Американски Држави рече дека би бил многу среќен ако Иран се третира како нормална земја, ако има нормална економија, ако неговиот народ може да напредува. Но, за Иран да биде нормална земја економски, ќе мора да биде нормална земја од перспектива на тоа да не се стреми кон нуклеарно оружје и кон тероризам“, изјави Џ.Д. Венс, потпретседател на САД.
Претходно, претседателот на иранскиот парламент рече дека земјата нема да се предаде под закани. Амбасадорот на Иран во Индија изјави дека Техеран е отворен за уште една рунда разговори доколку Вашингтон се воздржи од поставување незаконски барања.
„Присуствувавме на преговорите, со сите наши искуства и експертиза и сите наши искуства со САД во преговорите. Веруваме дека ако ги избегнат незаконските барања и ги признаат нашите легитимни права и интереси, мислам дека преговорите ќе бидат успешни“, изјави Мохамед Фатали, амбасадор на Иран во Индија.
ЕУ вели дека ќе отфрли какви било правила за ограничување на преминот низ Ормускиот теснец. Велика Британија тврди дека ќе продолжи да се држи подалеку од војната во Иран поради националните интереси.
„Постојат многу иницијативи на маса, но целите се едноставни, безбеден премин за сите пратки преку оваа рута. Да бидам јасен. ЕУ ќе продолжи да отфрла каков било договор што ќе го ограничи слободниот и безбеден премин низ Теснецот во согласност со меѓународното право“, рече Каја Калас, висока претставничка на Европската Унија.
Во меѓувреме, израелската влада потврди дека претстојните разговори на Израел со Либан ќе се фокусираат на разоружување на Хезболах и воспоставување мирни односи меѓу двете земји. Во исто време, Тел Авив ја исклучи можноста за прекин на огнот со милитантната група.
„Овој дијалог меѓу Израел и Либан почна, чија цел е разоружување на терористичката организација Хезболах, нивно отстранување од Либан и воспоставување мирни односи меѓу нашите две земји. Нема да разговараме за прекин на огнот со Хезболах, кој продолжува да извршува неселективни напади врз Израел и нашите цивили“, нагласи Шош Бедросијан, портпаролка на израелската влада.
Израелската војска продолжи со воздушната и копнена офанзива во јужен Либан, Хезболах испука повеќе ракети и беспилотни летала кон северен Израел во понеделник. Милитантната група децидна, нема да се придржува до ниту еден договор постигнат во преговорите.
„Сега нема да зборуваме за тоа што ќе се случи следно. Но, секако нема разговор за оружјето на Хезболах пред да се запрат нападите, да се повлечат и да се ослободат затворениците. Прашањето за оружјето на отпорот е либанско прашање кое нема никаква врска со Израел или САД“, изјави Вафик Сафа, висок функционер на Хезболах.
ООН ги повика Израел и Либан веднаш да ги прекинат непријателствата, нагласувајќи ја заштитата на цивилите.
Маријана Димовска
