Соработка

Делегација на Собранието во студиска посета на Хрватска

14.04.2026 11:07

Целта на студиската посета e запознавање со искуствата на Република Хрватска во процесот на европската интеграција, со посебен фокус на улогата на парламентот и значењето на меѓуинституционалната соработка.

Делегација на Собранието од денес до 18 април ќе реализира студиска посета на Република Хрватска. Посетата се организира од страна на Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС), во рамки на проектот „Поддршка на европската интеграција на Северна Македонија“.

Делегацијата ја сочинуваат потпретседателот на Собранието и претседател на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски, претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, како и пратениците Иванка Василевска, Дијана Тоска, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Саранда Стафаи-Имери, заедно со претставници од собраниската служба.

Целта на студиската посета e запознавање со искуствата на Република Хрватска во процесот на европската интеграција, со посебен фокус на улогата на парламентот и значењето на меѓуинституционалната соработка. Преку размена на искуства, делегацијата ќе се запознае со добрите практики во усогласувањето со европското законодавство и спроведувањето на реформските процеси.

Во рамки на посетата, предвидени се средби со високи претставници на хрватската Влада, Министерството за надворешни и европски работи, хрватскиот Сабор, како и со претставници на Европската комисија во Хрватска.

Оваа посета претставува значаен придонес кон зајакнување на капацитетите на Собранието во процесот на европска интеграција, како и можност за унапредување на македонско-хрватската меѓупарламентарна соработка.