МВР

1.303 прекршоци за празничниот викенд, 57 возачи приведени за безобѕирно возење

14.04.2026 16:14

Полицијата за време на продолжениот викенд изрече над 1300 казни за сообраќајни прекршоци, при што најголем дел се за брзо возење, а 57 лица биле лишени од слобода поради безобѕирно управување.

Вкупно 1.303 сообраќајни прекршоци се евидентирани за време на продолжениот празничен викенд (10–13 април), во рамки на засилените контроли што ги спроведува полицијата низ државата.

Од изречените казни, дури 488 се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина, што и натаму останува најчест прекршок кај возачите.

Во истиот период, 57 лица биле лишени од слобода поради безобѕирно управување со возило. Од нив, шест управувале под дејство на алкохол, 23 возеле без возачка дозвола, а четири и покрај изречена забрана за управување.

Дополнително, поради сериозни прекршоци, одземени се 22 возила согласно Кривичниот законик.

Статистиката покажува и 164 прекршоци за неправилно паркирање, 26 санкции за возење под дејство на алкохол, како и 19 казни за мотоциклисти кои не носеле заштитен шлем.

Санкционирани се и 119 учесници во сообраќајот за некористење сигурносен појас, додека 20 нерегистрирани и пет технички неисправни возила биле исклучени од сообраќај. Казни добиле и 10 возачи поради несоодветно затемнување на стаклата.

Од Министерството за внатрешни работи најавуваат дека засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, со апел до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и да придонесат за побезбедни патишта.