Усвоен Националниот план за енергија и клима- 61 мерка за зелена транзиција и европски стандарди
Владата го усвои Националниот план за енергија и клима 2025–2030, со кој се предвидуваат 61 мерка за намалување на емисиите, зголемување на обновливите извори и модернизација на енергетскиот сектор.

Владата го усвои Интегрираниот национален план за енергија и клима 2025–2030, стратешки документ кој треба да ја насочи државата кон енергетска трансформација, одржлив развој и усогласување со европските политики.
Планот, подготвен од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, содржи вкупно 61 мерка, од кои 26 се насочени кон декарбонизација, 20 за енергетска ефикасност, три за енергетска безбедност, 11 за внатрешниот пазар на енергија и една за истражување, иновации и конкурентност.
Клучните приоритети се намалување на емисиите на стакленички гасови, зголемување на учеството на обновливите извори и подобрување на енергетската ефикасност. Во таа насока се предвидуваат инвестиции во сончева, ветерна и хидроенергија, воведување систем за цена на јаглерод и развој на модерна енергетска инфраструктура, вклучително и складирање на енергија.
Планот предвидува и постепено напуштање на јагленот, како и зајакнување на енергетската безбедност преку диверзификација на изворите, регионална соработка и нови интерконекции. Паралелно, ќе продолжи либерализацијата и интеграцијата на пазарот на електрична енергија.
Документот е изработен низ широк консултативен процес со учество на институции, експерти, академската заедница, приватниот сектор и меѓународни партнери, при што се вградени и препораките на Секретаријатот на Енергетската заедница.
За Планот е спроведена и стратегиска оцена за влијанието врз животната средина, која ги анализира ефектите врз природните ресурси и здравјето на граѓаните.
Со неговата имплементација се очекува подобрување на квалитетот на животната средина, поголема енергетска стабилност и независност, нов инвестициски циклус и забрзана зелена транзиција.
