„Симфониски хоризонти“ со Сихана Бадивуку и Паскал Краповски
Овој четврток, со почеток во 20 часот оркестарот на Македонската филхармонија ќе одржи концерт насловен „Симфониски хоризонти“ на кој како солисти ќе настапат виолинистката Сихана Бадивуку и виолончелистот Паскал Краповски...

Овој четврток, со почеток во 20 часот оркестарот на Македонската филхармонија ќе одржи концерт насловен „Симфониски хоризонти“ на кој како солисти ќе настапат виолинистката Сихана Бадивуку и виолончелистот Паскал Краповски. Диригент е Десар Сулејмани (Германија), а на програмата се увертира од операта „Поетот и Селанецот“ од Ф. Фон Супе, Концертот за виолина и виолончело „Музата и поетот“ од К.Сен-Санс, „Тешкото“ од Г. Смокварски и Симфонијата број 9 од А. Дворжак.
Десар Сулејмани е германски пијанист и диригент, роден во Албанија, чија уметничка дејност се развива на пресекот меѓу музичката интерпретација, едукацијата и културната размена. Неговото творештво претставува израз на сеопфатна музичка филозофија што ги обединува уметничката извонредност, педагошката одговорност и интеркултурниот дијалог.
Виолинистката Сихана Бадивуку-Хоџа (1967) се смета за една од најпрефинетите музички уметници од т.н. средна генерација. Потекнува од музичко семејство и со музиката се среќава уште на млади години. Дел е од дуото со Маја Кастратовиќ со која имаат активна професионална соработка од 1994 па се до денес.
Својот уметнички израз, Паскал Краповски активно го презентира на концертните подиуми низ Македонија и во странство. Професионалниот ангажман како водач-виолончелист при Македонската филхармонија му овозможува активно да се занимава и со камерното музицирање како член на триото „Парнасус“ и на „Music Progressive Quartet“. Покрај изведувачката дејност, активно се занимава со педагошка и со истражувачка дејност. Р
Со истата програма, на 18 и 19 април Македонската филхармонија ќе гостува во Германија, Бон – родното место на Бетовен и во Оберхаузаен, со што ја потврдува улогата на Македонија како земја со богата музичка традиција. Концертите на Македонската филхармонија во Германија се составен дел од свечениот настан по повод 5-годишнината од партнерството меѓу Северна Рајна-Вестфалија и Северна Македонија.
