Дина Јашари утре со концерт на улица „Македонија“ по повод Светскиот ден на уметноста

14.04.2026 12:08

Младата кантавторка Дина Јашари утре ќе одржи концерт на отворено во Скопје, во рамки на манифестацијата „Центарски улици“, со изведба на песни од албумот „Растенија без корен“.

Македонската музичарка Дина Јашари утре (15 април) од 18 часот ќе одржи концерт на улицата „Македонија“ во Скопје, како дел од четвртото издание на манифестацијата „Центарски улици“, организирана по повод Светскиот ден на уметноста.

Публиката ќе има можност да ги слушне во живо песните од нејзиниот албум „Растенија без корен“, кој се најде меѓу петте најдобри албуми за 2025 година според регионалниот музички портал „Рокомотива“. Албумот содржи девет композиции создадени во изминатите три години и, според Јашари, претставува интимен и искрен музички дневник, со звук што се движи меѓу поп, нео-соул и џез.

Дина Јашари е добитничка на наградата „Милан Младеновиќ“ за песната „Дома“, а зад себе има настапи на повеќе значајни европски фестивали, меѓу кои „Мент“ во Љубљана, „Егзит“ во Нови Сад и „Евросоник“ во Гронинген. Минатата година го отвори и концертот на британската група Massive Attack во Скопје.

Настанот го организира Општина Центар, а Јашари ќе настапи со својот квартет: Лука Тошев на гитара, Андреа Мирческа на бас и Драган Теодосиев на тапани.