Блиски Исток

Продолжуваат блокадите на Ормускиот теснец, САД и Иран меѓусебно се обвинуваат

14.04.2026 20:07

Продолжуваат блокадите на Ормускиот теснец. САД и Иран со меѓусебни обвинувања. Американските бродови ќе бидат испратени на дното на морето, се закани Техеран поради блокадата на пристаништата. Со два неидентификувани проектили погоден товарен брод во Оманскиот залив. И додека тензиите растат, во најава нова рунда разговори меѓу завојуваните страни откако викендов во Пакистан не беше постигнат конкретен напредок...

Не запираат заканите помеѓу САД и Иран. Вашингтон ги блокираше иранските пристаништа вклучително и Ормускиот теснец. Од друга страна Техеран рече дека сите американски бродови кои ја спроведуваат блокадата ќе завршат на дното на морето. Товарен брод бил погоден со два неидентификувани проектили во Оманскиот Залив. Потпретседателот Венс ја обвини иранската влада за економски тероризам со блокирање на сообраќајот низ важниот проток.

„Претседателот на Соединетите Американски Држави рече дека би бил многу среќен ако Иран се третира како нормална земја, ако има нормална економија, ако неговиот народ може да напредува. Но, за Иран да биде нормална земја економски, ќе мора да биде нормална земја од перспектива на тоа да не се стреми кон нуклеарно оружје и кон тероризам“, Џ.Д. Венс, потпретседател на САД.

Се поизвесно е дека ќе се одржи нова рунда разговори меѓу САД и Иран. Во игра се неколку земји, Австрија, Турција, Швајцарија, Египет, вклучително и Пакистан. Ирански дипломат уверува дека Техеран е отворен за уште една рунда преговори доколку Вашингтон се воздржи од поставување незаконски барања.

„Присуствувавме на преговорите, со сите наши искуства и експертиза и сите наши искуства со САД во преговорите. Веруваме дека ако ги избегнат незаконските барања и ги признаат нашите легитимни права и интереси, мислам дека преговорите ќе бидат успешни“, изјави Мохамед Фатали, амбасадор на Иран во Индија.

Меѓународната заедница бара итна деблокада на Ормускиот теснец. ЕУ вели дека ќе отфрли какви било правила за ограничување на преминот. Велика Британија тврди дека ќе продолжи да се држи подалеку од војната во Иран.

„Постојат многу иницијативи на маса, но целите се едноставни, безбеден премин за сите пратки преку оваа рута. Да бидам јасен. ЕУ ќе продолжи да отфрла каков било договор што ќе го ограничи слободниот и безбеден премин низ Теснецот во согласност со меѓународното право“, изјави Каја Калас, висока претставничка на Европската унија.

„Остануваме надвор од војната и затоа сега работиме на враќање на слободата на пловидба на Блискиот Исток, бидејќи тоа е директно поврзано со нашите национални интереси“, изјави Кир Стармер, премиер на Велика Британија.

Израелската војска продолжи со воздушната и копнена офанзива во јужен Либан, Хезболах истрела повеќе ракети и беспилотни летала кон северен Израел. Милитантната група ги отфрли разговорите Израел – Либан во Вашингтон и тврди дека нема да се придржува до ниту еден договор постигнат во преговорите. ООН инсистираат да запрат непријателствата.

 

Маријана Димовска