Пониска цена на горивата од полноќ
Бензините и дизелот од полноќ ќе се продаваат по пониски цени, откако Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за намалување во просек за 2,73 проценти.

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,73 проценти во однос на претходната одлука од 6 април.
Според РКЕ, намалувањето следи по падот на референтните цени на светските пазари, каде бензините поевтиниле за 2,703 проценти, дизелот за 3,251 проценти, екстра лесното масло за 3,960 проценти, а мазутот за 4,476 проценти.
Со новата одлука, цената на ЕУРОСУПЕР БС-95 се намалува за 1,5 денари и ќе изнесува 82 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по 84 денари за литар. Дизелот поевтинува за 2,5 денари и новата цена ќе биде 95,50 денари за литар.
Намалување има и кај екстра лесното масло за домаќинство, кое поевтинува за 3,5 денари и ќе чини 96,50 денари за литар, додека мазутот се намалува за 2,084 денари и ќе се продава по 49,227 денари за килограм.
Новите цени стапуваат на сила од полноќ.
