ЗЕМЈОДЕЛСТВО

Неопходна е заштита и прихрана за добар род на пченицата

14.04.2026 17:47

Развојот на лебното зрно е во добра кондиција. Во овој период се врши прихрана и заштита на посевите, кои се од исклучителна важност за понатамошниот развој-сметаат агрономите. Земјоделците се согласни, дел од нив веќе ги примениле овие агротехнички мерки, дел ги чекаат заостанатите субвенции. Зголемените цени на ѓубривата се вистински предизвик за нив. Со новите цени се зголемуваат трошоците за производство и доколку нема повисока откупна цена, ќе бидат принудени да го намалат производството…

Најголемиот дел од посевите со пченица, добро ја поминале зимата и се во солидна кондиција. Моменталните временски прилики, влагата и топлината која почвата ја има, се одлични за правилен развој на лебното зрно. Пелагониските ниви се целосно позеленети. Во овој период од особена важност се агротехничките мерки кои треба земјоделците да ги извршат-порачуваат агрономите.

„Доколку не се изврши навреме прихрана и заштита на пченицата, ќе има помал принос. Од друга страна цената на нафтата, ѓубривата и другите репроматеријали, е зголемена од 10-40% тоа значи поголеми трошоци за производство-велат земјоделците. Ја очекуваат и исплатата на заостанатите субвенции која ќе им биде од огромна помош“, изјави Стевче Манивиловски, агроном при АПРЗ Битола.

„Според моменталната состојба на посевите и со дополнителни дождови-се очекува добар принос. Но, за да бидат рентабилни потребно е зголемување на откупна цена на лебното зрно. Според земјоделците, истата не треба да биде пониска од 15 денари. Во спротивно ќе бидат принудени да го намалат производството“, изјави Даниел Петровски-млад земјоделец.

„Според податоците од Државен завод за статистика, во 2005 во Пелагонија-приносот од пченицата изнесувал 117 илјади тони, лани само 99 илјади тони“, изјави Васко Јончиќ-земјоделец од Новаци.

Иако производ на пченица во последните две децении бележи континуиран пад, во 2025 забележан е пораст од 2 проценти кај посеани површини, како и рекорден принос од околу 4.000 тони по хектар.

Во Пелагонија и оваа година под пченица се 12 илјади хектари.

Александра Максимовска