Екс-шефицата на Антикорупциска пред суд, се изјасни дека не чувствува вина за делото за кое се товари
Поранешната прва антикорупционерка Татјана Димитровска на обвинителна клупа во Кривичниот суд, се изјасни дека не се чувствува виновна за оддавање службена тајна, ниту дека сторила компјутерски фалсификат. Почна рочиштето на кое им се суди и уште на две лица...

Поранешната прва антикорупционерка Татјана Димитровска не чувствува вина за оддавање службена тајна, а тврди и дека не сторила компјутерски фалсификат. На првото рочиште, нејзиниот бранител побара да се повлече обвинението, бидејќи како што рече, информациите што биле споделени не се класифицирани и биле изнесени на јавна седница на Комисијата.
Обвинителството не се откажува од обвинението. Оттаму велат дека имаат доволно докази со кои ќе настапат во судница. Вина не признаа ниту останатите двајца обвинети. Билјана Петровска Мантева од ТЕЦ Неготино и Миле Столевски, обвинет дека на Димитровска и помагал да добие безбедносен сертификат за кој аплицирал во нејзино име.
Димитровска беше дел од проширената истрага за случајот „Адитив“. Обвинета е дека на поранешен директор на ТЕЦ Неготино му давала информации кои не смеела да ги сподели.
Процесот продолжува со изведување докази на Јавното обвинителство.
Анита Димитријевска – Велковска
