Одложено рочиштето за „Талир 2“, доколку Груевски се врати судењето може да почне од почеток
На рочиштето отсутен беше сведокот Кирил Божиновски, поранешен функционер од ВМРО-ДПМНЕ, кој беше повикан од одбраната. Следното рочиште е закажано за 30-ти април.

Судењето за предметот „Талир 2“, за незаконската градба на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, одложено. Во случајот е обвинет екс-премиерот Никола Груевски. На рочиштето отсутен беше сведокот Кирил Божиновски, поранешен функционер од ВМРО-ДПМНЕ, кој беше повикан од одбраната. Адвокатот на Груевски рече дека тој бил на фамилијарно патување, за што достави и авионски билети како доказ дека Божиновски не е во земјава. Следното рочиште е закажано за 30-ти април.
Откако државниот јавен обвинител Савески ги повлече овластувањата на Ленче Ристоска, која во меѓувреме поднесе оставка како обвинител, а советот ја прифати, во судницата обвинението за прв пат го застапуваше новиот обвинител Кристијан Смилевски.
Изјави дека го проучил предметот и се надева оти постапката ќе заврши пред предметот да застари во почетокот на септември. Ако пак екс-премиерот Груевски евентуално се врати во земјава, тој има право да побара да му се суди во негово присуство и предметот почнува од почеток.
Александра Спировска
