Иран

Трамп најави нови преговори во следните два дена

15.04.2026 08:20

Трамп тврди дека војната е близу до крајот, но САД сè уште не се повлекуваат...

Вашингтон најавува нови разговори со Иран во наредните два дена, додека американската блокада на пристаништа продолжува по неуспешните преговори во Исламабад. Трамп тврди дека војната е близу до крајот, но САД сè уште не се повлекуваат.

„Ќе видиме што ќе се случи. Мислам дека многу сакаат да постигнат договор“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Потпретседателот Венс кој ги водеше преговорите во Пакистан, се очекува повторно да ја предводи новата рунда. Вели дека клучниот проблем се нуклеарните амбиции на Иран. САД бараат јасни гаранции.

„Ако се обврзете да немате нуклеарно оружје, ние ќе го направиме Иран да напредува и да се приклучи во светската економија“, изјави Џеј Д. Венс, потпретседател на САД.

Вашингтон бара демонтирање на иранските нуклеарни постројки и отворање на Ормускиот теснец. Блокадата на иранските пристаништа продолжува, иако се бележи ограничен сообраќај низ теснецот. Од Централната команда на САД велат дека ниту еден брод досега не ја прекршил мерката.

„За помалку од 36 часа по спроведената блокада, американските сили целосно ја запреа економската трговија што влегува и излегува од Иран по море“, објави Адмирал Бред Купер, командант на ЦЕНТКОМ.

Во меѓувреме, Израел и Либан по првите директни разговори по децении, се согласија да продолжат со преговори, но без договор за прекин на огнот.