Блиски исток

САД и Иран подготвуваат терен за продолжување на мировните преговори

15.04.2026 10:27

Вашингтон и Техеран работат на втора рунда мировни разговори. САД продолжуваат со поморската блокада на Ормускиот теснец, за да го ограничат извозот на иранска нафта. Трамп смета дека војната е „близу до крајот“.

Вашингтон најавува продолжение на разговорите со Иран во наредните два дена додека американската блокада на пристаништата продолжува. Трамп тврди дека војната е близу до крајот, но дека САД не се повлекуваат.

„Ќе видиме што ќе се случи. Мислам дека многу сакаат да постигнат договор“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.

Потпретседателот Венс се очекува повторно да ја предводи новата рунда. Вели дека клучниот проблем се нуклеарните амбиции на Иран. Бараат јасни гаранции, демонтирање на нуклеарните постројки и отворање на Ормускиот теснец.

„Трамп сака да склучи голем договорАко се обврзете да немате нуклеарно оружје, ние ќе го направиме Иран да напредува и да се приклучи во светската економија“, изјави Џеј Д. Венс, потпретседател на САД.

Техеран засега не потврдил нова рунда преговори, додека пакистанскиот премиер најави посета на регионалните партнери во Заливот за разговори за регионалниот мир и безбедност. Повик за дипломатија и од ООН.

„Ги поздравуваме и поддржуваме напорите на Пакистан“, нагласи Мајед ал-Ансари, портпарол на Министерство за надворешни работи на Катар.

„Сериозните преговори мора да продолжат, а прекинот на огнот мора да се зачуваМеѓународните права и слободи за навигација мора да бидат почитувани од сите страни. Време е за дипломатија наместо ескалација“, рече Антонио Гутереш, генерален секретар на ООН.

Шефот на МААЕ предупредува дека без инспекции нема веродостоен договор, бара вклучување на агенцијата во секој иден договор.

„Иран има многу амбициозна, широка нуклеарна програма. Значи, сето тоа ќе бара присуство на инспектори на МААЕ, во спротивно нема да имате договор, ќе имате илузија за договор“, изјави Рафаел Гроси, генерален директор на Меѓународната агенција за атомска енергија.

Иранските пристаништа остануваат под блокада. Иако се бележи ограничен сообраќај низ теснецот, од Централната команда на САД тврдат дека ниту еден брод не ја прекршил мерката.

„За помалку од 36 часа по спроведената блокада, американските сили целосно ја запреа економската трговија што влегува и излегува од Иран по море“, објави Адмирал Бред Купер, командант на ЦЕНТКОМ.

Во меѓувреме Израел и Либан по првите директни разговори по децении, се согласија да продолжат со преговори, но без договор за прекин на огнот. Хезболах, кој рече дека нема да почитува никаков договор склучен без нив, истрела ракети кон Израел неколку часа по преговорите во Вашингтон, по што Израел возврати со напади.

Бојана Крстевски