Украина

Продолжуваат руските напади, Украина бара нова одбранбена помош

15.04.2026 20:52

На фронтот и натаму тензично. По договорот со Германија од 4 милијарди евра, Зеленски во Норвешка потпиша договор за воена соработка и производство на дронови. Најави посета на Украина од страна на специјалниот пратеник на САД, Виткоф и зетот на Трамп, Кушнер. Во услови на продолжен конфликт на Блискиот Исток, предупреди на последици доколку САД ја намалат поддршката. Европската унија најавува продолжена финансиска поддршка...

Руските напади засилуваат, додека Украина бара нова одбранбена помош. По договорот со Германија од 4 милијарди евра, Зеленски во Норвешка потпиша договор за воена соработка и производство на дронови. Најави посета на Украина од страна на специјалниот пратеник на САД, Виткоф и зетот на Трамп, Кушнер. Во услови на продолжен конфликт на Блискиот Исток, предупреди на последици доколку САД ја намалат поддршката.

„Се надевам дека американскиот претседател ги разбира сите тешкотии ако одлучат да престанат со поддршката. Се надевам дека не само тој, туку целиот негов тим ги разбира резултатите од таквите одлуки“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

„Со притисокот од војната на Блискиот Исток, ова е предизвик. Но, можам да ви кажам дека ние, заедно со водечките партнери Германија, Холандија, нордиските земји и другите, ќе продолжиме да се залагаме за да ги направиме овие пакети релевантни за украинските потреби“, истакна норвешкиот премиер, Јонас Гар Сторе.

Европската унија најавува продолжена финансиска поддршка, а првата транша од 90 милијарди евра се очекува до крајот на вториот квартал. Лавров од Кина го обвини Западот за кризата.

„Западот се обиде вештачки да создаде криза во Украина за да ѝ нанесе стратешки пораз на Руската федерација“, рече рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.

На фронтот и натаму тензично-руски дронови го погодија Черкаси, едно дете загина, 14 лица се повредени. Убиена жена и во Запорожје. Ракетен напад и врз индустрискиот град Дњепар каде петмина загинале, а околу 30 се ранети.

Катерина Бојаџиева