Каква е сликата кога не се почитуваат сообраќајните правила?!
За да не се повтори оваа слика, секогаш треба да го користите сигурносниот појас, никогаш не треба да возите под дејство на алкохол и никогаш да не зборувате на мобилен телефон додека управувате возило...

Расправија и навредливи зборови, наместо помош на повредените во сообраќајната несреќа. Алкохол во крвта, зборување на мобилен телефон, неупотребен сигурносен појас - три причини за директниот судир. Интервенира Брзата помош.
Со симулацијата за момент се доловува непосакувана слика што може да се случи на секој што не ги почитува сообраќајните правила.
„Има три слаби точки практично предвидени во оваа симулација на сообраќајна незгода. Возачот на едно возило е симулирано дека е во алкохолизирана состојба , совозачот е без сигурносен појас, а во другото возило зборува на мобилен телефон“, рече Никола Тодоров, министер за здравство.
Податоците покажуваат дека во земјава секој втор ден згаснува по еден живот. Бројот на загинати во сообраќајни незгоди во 2013 година изнесува 198 лица или девет жртви на секои 100 илјади жители. Сообраќајните незгоди не се судбина, како што умеат да речат, туку во прашање е непочитувањето на сообраќајните прописи.
За да не се повтори оваа слика, секогаш треба да го користите сигурносниот појас, никогаш не треба да возите под дејство на алкохол и никогаш да не зборувате на мобилен телефон додека управувате возило.
Наташа Гркова-Петрушевска
