Ново рочиште за трагедијата во Тафталиџе

Психичката состојба на Ивана била директен резултат на малтретирањето од Стојанче

15.04.2026 17:24

Стручни лица утврдија – психичката состојба на Ивана била директен резултат на малтретирањето од Стојанче Јовановски. Обвинетиот ја тепал пред судот два часа пред таа да реши, со малолетната ќерка да скокнат во смрт.

Со снимки од безбедносните камери близу Кривичниот суд, обвинителството го докажува семејното насилство што го вршел Стојанче Јовановски врз сопругата Ивана.

Денот кога таа скокна од балконот со ќерката в раце, обвинетиот пред сведокот Мартин Саздов ја удирал со шлаканици, по што таа викнала полиција, но органите на редот не презеле ништо.

Меѓу доказите на обвинителството се и снимки од мобилниот телефон на Стојанче, кој ги снимал караниците со сопругата, на кои меѓу другото таа го прашува и зошто ја тепа, но и му вели дека ќе го пријави за семејно насилство.

На следното рочиште одбраната ќе ги презентира своите докази, а според најавата исказ пред судот ќе даде и обвинетиот.

Анита Димитријевска – Велковска