Нема нов данок за приходи од странство, се применуваат постојни закони, велат од УЈП
Протест пред УЈП - луѓето кои работеле во странство обвинија за грабеж, УЈП порачува – нема ретроактивност во оданочувањето...

Наши граѓани кои оствариле доход во странство може да се соочат со целосно оданочување во Македонија доколку не платиле реален данок. Договорите со одредени земји за избегнување двојно оданочување им даваат за право на странските држави да оданочуваат, но тоа не значи ослободување од обврските во земјава. Клучниот момент е, дали данокот е навистина платен, вратен или ненаплатен.
257 лица кои работеле во Авганистан за неполн месец се обратиле до УЈП со образложение дека не можат да приложат докази за платен данок. Документите ќе се обезбедуваат во посредство на МНР и покрај тоа што не е обврска на овие институции. За едно лице има негативен одговор.
И студентите кои работат во Германија засегнати од одлуката на УЈП за поголема одговорност и исполнување на даночните обврски. Според даночниот систем на Германија, лицата со ниски доходи се ослободени од плаќање даноци. Студентите кои протестираа велат, нелогично е што се ослободени од плаќање данок таму, а треба да плаќаат овде.
УЈП негира дека ова е ретроактивно оданочување, бидејќи станува збор за постоечки закон кој не се почитувал. Секој кој ќе приложи доказ за платен данок по добиеното известување ќе биде ослободен – нема двојно оданочување, децидна е директорката Петрова.
Минатата година имало приливи на 70.869 лица во вкупен износ од 577 милиони евра.
Александра Велинова
