Буџетот за 2015-та одраз на остварувањата во економијата

17.09.2014 16:37

Реалните проекции покажуваат дека економијата наредната година ќе забележи раст од 4 проценти...

Двете локомотиви кои ќе ја влечат економијата  и догодина ќе  бидат капиталните инвестиции на чело со градежништвото  и личната потрошувачка- вели универзитетскиот професор Томе Неновски. Реалните проекции покажуваат дека економијата наредната  година ќе забележи раст од 4 проценти.

Според професорот Неновски буџетот за 2015- тата година е одраз на остварувањата во економијата. Првата компонента која е капитално развојна  е најважна за бизнисот ќе се вложат 345 милиони евра буџетски пари.

„Првата е капитално- развојна компонента којашто се согледува од износот на капитални инвестиции планирани за следната година во износ од 345 милиони евра, кои што во основа треба да значат продолжување на реализацијата на веќе започнатите проекти во оваа година“, вели универзитетскиот професор Томе Неновски.

Буџетот предвидува поголеми плати во јавниот сектор, повисоки пензии и социјална помош. Ќе се инвестира во образованието и здравството ќе се градат  училишта, градинки, болници, спортски сали.

„Ќе резултира со зголемување на личната потрошувачка, а таа пак бара зголемена побарувачка на стоки и услуги. Тоа последователно го зголемува производството, а со се заедно повторно се враќаме на почетокот, односно на зголемувањето на БДП и создавањето или отворањето нови работни места во текот на следната година“, објаснува професорот Неновски.

Во буџетот за 2015- тата за капитални инвестиции предвидени се 21 милијарда 209 милиони денари. За Коридорот 103,4 милијарди денари, а за железничката инфраструтура една милијарда и 311 милиони денари.  Ќе се градат и реконструираат училишта, ќе се инвестира во изградба на технолошко-индустриски развојни зони.

Проектираниот економски раст ќе овозможи буџетските приходи да достигнат 163 милијарди и 280 милиони денари, односно ќе бидат зголемени за 5 проценти од годинава.

 

Дијана Ценевска