САД негира дека бараат продолжување на примирјето со Иран
Од администрацијата на Трамп велат дека дискусиите околу можна втора рунда мировни преговори со Техеран се тековни и продуктивни. Пред да истече двонеделното примирје на 22 април, медијаторите вршат притисок за компромис за три главни точки што ги попречија директните разговори изминатиот викенд во Исламбад.

Белата куќа негира дека САД побарале продолжување на двонеделното примирје со Иран – кое треба да истече следната недела. Од администрацијата на Трамп велат дека дискусиите околу можна втора рунда мировни преговори со Техеран се тековни и продуктивни.
„Остануваме многу ангажирани во преговорите. Слушнавте директно од потпретседателот и од претседателот оваа недела дека овие разговори се продуктивни и во тек. Исто така, видов некои извештаи за можноста за лични разговори. Повторно, тие разговори се водат, но ништо не е официјално додека не го чуете тоа од нас тука во Белата куќа“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.
По „Епски бес“ почна операцијата „Економски бес“. Секретарот за финансии на САД предупреди дека се подготвуваат да го засилат економскиот притисок врз Иран со секундарни санкции, акција што ќе биде финансиски еквивалент на кампањата со бомбардирање. На удар се компаниите што купувате иранска нафта и иранските пари во банките. Најзасегнати се финансиските институции во Кина, Хонгконг, Обединетите Арапски Емирати и Оман.
„Иран е, или порано беше, најголемиот државен спонзор на тероризмот. Кина купуваше повеќе од 90 проценти од нивната нафта, што е околу 8 насто од енергетските потреби на Кина. Веруваме дека оваа блокада во теснецот ќе направи пауза во кинеското купување“, нагласи Скот Бесент, секретар за финансии на САД.
Делегација од Пакистан, кој дејствуваше како посредник, на средби во Техеран. Пред да истече двонеделното примирје на 22 април, медијаторите вршат притисок за компромис за три главни точки што ги попречија директните разговори изминатиот викенд во Исламбад. За нуклеарната програма на Иран, Ормускиот теснец и надоместокот за штетите од војната и натаму нема договор. Иранскиот претседател упати критики за акциите на САД.
„Напаѓаат училишта и породилишта во болниците, тие не почитуваат никакви хуманитарни принципи. Тоа е срамно и светот треба да го види ова. Тие тврдат дека сме терористи, но тие се вистинските терористи кои масакрираат каде било, кога сакаат“, изјави Масуд Пезешкијан, претседател на Иран.
Претходно, иранската војска се закани дека ќе ги блокира во Персискиот и Оманскиот Залив како и во Црвено Море, доколку американската поморска блокада продолжи. Израелскиот премиер вели дека се подготвени за секакво сценарио и најави дека ќе продолжат со притисокот врз Хезболах и покрај денешното продолжување на дијалогот со Либан.
„Водиме преговори со Либан. Овие преговори не се одржале 40 или повеќе години. Тие се одржуваат сега затоа што сме многу силни, а земјите доаѓаат кај нас. Во преговорите со Либан, постојат две централни цели, прво, разоружување на Хезболах и второ, одржлив мир. Мир преку сила“, рече Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Израелската армија доби наредба да ги ликвидира сите борци на Хезболах во јужен Либан, што се протега од израелско-либанската граница до реката Литани.
Маријана Димовска
