Бизнис форум во Анкара: Македонија е најдоброто место за инвестирање во регионот!

17.09.2014 16:52

Турската компанија „Мач Груп“ ќе гради фабрика во Скопје. Во земјоделскиот сектор ќе инвестира 3 милиони евра. „Македонија е најдоброто место за инвестирање во регионот“, порача првиот човек на компанијата пред бизнисмените во Анкара. На бизнис форумот, премиерот Груевски зборуваше за поволниот деловен амбиент и ниските даноци...

Општината Илинден е нова дестинација за инвестирање на турската компанија „Мач груп“. Ќе вложи 3 милиони евра во изградба на откупен центар, најавува инвестиции во земјоделството.

„Ги истражуваме условите за инвестирање во Македонија две години и донесовме заклучок дека тоа е најдоброто место за инвестирање во регионот. Имаме фабрики и капацитети во Турција и размислуваме за проширување на нашиот бизнис во Европа и истражувајќи во повеќе држави дојдовме до сознанието дека Македонија е најсоодветна. Гледаме огромен потенцијал во Македонија, изјави директорот на компанијата, Атај Мач.

Делуваме спротивно од другите земји кои ги зголемуваат даноците, а ние ги намалуваме, им порача премиерот Груевски на турските компании на бизнис форумот во Анкара, презентирајќи ја бизнис климата и можностите за инвестирање во Македонија. Воведовме ниски и рамни даноци, а намалени се и царините и другите трошоци. Проектот „Регулаторна гилотина“ беше реализиран во соработка со 300 компании од различни сектори, нагласи Груевски.

„Проектот ’Регулаторна гилотина’ значеше кратење на илјадници бирократски процедури, или нивно целосно бришење, или поевтинување, или комбинација од овие работи“, рече премиерот Никола Груевски пред турските бизнисмени во Анкара.

Министерот за привлекување странски инвестиции, Бил Павлески е задоволен од интересот на турските компании за вложувања во Македонија.

„Со некои од овие компании сме во подлабоки фази на разговори со кои преговараме нивните инвестиции да завршат во Македонија“, изјави Павлески.

Нов предизвик за турските бизнисмени се инвестициите во земјоделството и  прехранбената индустрија. Досега најмногу инвестирале во банкарскиот сектор, металната и текстиланата индустрија.

 

Свето Николовски