Вонредни контроли на АХВ

Уништени 272 килограми небезбедна храна и 40 тони јајца пред Велигденските празници

16.04.2026 10:04

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство спроведоа над 1.200 вонредни контроли пред Велигденските празници, при што изрекоа високи казни, уништија небезбедна храна и спречија нелегален увоз на јајца.

Парични казни во вкупна вредност од над 19.000 евра изрекоа инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), по спроведени 1.221 вонредни контроли пред Велигденските празници.

Во рамки на контролите, уништени се повеќе од 272 килограми небезбедна храна, најголемиот дел од животинско потекло. Дополнително, на депонијата Дрисла нештетно се уништени и над 40 тони небезбедни јајца со потекло од Србија, со што е спречен обид за нивно нелегално пласирање на домашниот пазар.

Инспекторите утврдиле повеќе неправилности, меѓу кои продажба на производи со поминат рок, употреба на несоодветно месо во подготовка на производи, како и несоодветно означување. За овие прекршоци донесени се 35 решенија за отстранување на недоследностите, а изречени се и шест опомени.

Контролите, насочени кон целиот синџир на храна, откриле и дека седум објекти воопшто не биле регистрирани како оператори со храна. Кај три оператори биле констатирани пропусти во здравствените прегледи и стручната подготовка на вработените, додека кај 13 објекти биле утврдени незадоволителни хигиенски и технички услови за работа.

Од АХВ информираат дека засилените контроли имаат за цел заштита на здравјето на граѓаните и спречување на нелегалната трговија, особено во пресрет на празниците кога потрошувачката значително се зголемува.