Вашингтон најави економски притисок за Иран
Од Белата куќа демантираат дека барале продолжување на двонеделното примирје со Иран. Велат, разговорите за можната втора рунда мировни преговори се во тек. Од Вашингтон се подготвуваат за економски притисок врз Техеран со воведување секундарни санкции. На удар ќе бидат компаниите кои купуваат иранска нафта.

Белата куќа негира дека САД побарале продолжување на двонеделното примирје со Иран – кое истекува на 22 Април. Од администрацијата на Трамп велат дека дискусиите околу можна втора рунда мировни преговори се продуктивни. Делегација од Пакистан, кој дејствуваше како посредник, по средбите во Техеран, отпатува во Доха на состаноци во рамки на дипломатските напори за намалување на тензиите на Блискиот Исток.
„Остануваме многу ангажирани во преговорите. Слушнавте директно од потпретседателот и од претседателот оваа недела дека овие разговори се продуктивни и во тек. Исто така, видов некои извештаи за можноста за лични разговори. Повторно, тие разговори се водат, но ништо не е официјално додека не го чуете тоа од нас тука во Белата куќа“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.
По „Епски бес“ САД ја почна операцијата „Економски бес“. Секретарот за финансии најави секундарни санкции за сите земји чии банки држат пари поврзани со Иран или купуваат иранска нафта. Најзасегнати се финансиските институции во Кина, Хонг Конг, Обединетите Арапски Емирати и Оман.
„Иран е, или порано беше, најголемиот државен спонзор на тероризмот. Кина купуваше повеќе од 90 проценти од нивната нафта, што е околу 8 насто од енергетските потреби на Кина. Веруваме дека оваа блокада во теснецот ќе направи пауза во кинеската купување“, изјави Скот Бесент, секретар за финансии на САД.
Претходно, иранската војска се закани дека ќе ги блокира Персискиот и Оманскиот Залив како и во Црвено Море, доколку американската поморска блокада продолжи. Иранскиот претседател упати критики за акциите на САД.
„Напаѓаат училишта и породилишта во болниците, тие не почитуваат никакви хуманитарни принципи. Тоа е срамно и светот треба да го види ова. Тие тврдат дека сме терористи, но тие се вистинските терористи кои масакрираат каде било, кога сакаат“, изјави Масуд Пезешкијан, претседател на Иран.
Израелскиот премиер вели дека се подготвени за секакво сценарио во војната и најави дека ќе продолжат со притисокот врз Хезболах. Иако Трамп најави продолжување на разговорите Израел – Либан, сепак Бејрут сигнализира дека можеби мирот е сè уште далеку од реалноста на терен.
„Водиме преговори со Либан. Овие преговори не се одржале 40 или повеќе години. Тие се одржуваат сега затоа што сме многу силни, а земјите доаѓаат кај нас. Во преговорите со Либан, постојат две централни цели, прво, разоружување на Хезболах и второ, одржлив мир. Мир преку сила“, рече Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Израелската армија доби наредба да ги ликвидира сите борци на Хезболах во јужен Либан, што се протега од израелско-либанската граница до реката Литани.
Маријана Димовска
