Комеморација за Родољуб Анастасов во Музејот на град Скопје
На 20 април во Музеј на град Скопје ќе се одржи комеморација во чест на еден од најзначајните македонски ликовни уметници.

Комеморација во спомен на доајенот на современата македонска ликовна уметност, Родољуб Анастасов, ќе се одржи на 20 април со почеток во 12 часот во галеријата „Јустина и Родољуб Анастасов“, во рамки на Музеј на град Скопје.
Колеги, пријатели, семејството и почитувачите ќе му оддадат последна почит на уметникот, кој важи за еден од првите претставници на енформелот во македонската ликовна уметност.
Анастасов, роден во Скопје во 1935 година, беше долгогодишен професор на Факултетот за ликовна уметност и автор на богат опус, за кој се издадени бројни монографии и каталози. Почина на 4 април годинава.
Во 2011 година, тој донираше околу 400 дела на музејот, со што беше формирана галеријата што го носи неговото име, во која денес се чува значаен дел од неговото творештво, оценето како трајно културно наследство.
