Влада

Мицкоски: Нов закон за високо образование за квалитет и задржување на младите

16.04.2026 11:34

Премиерот најави системски реформи во високото образование, со нов модел на финансирање, поголем буџет и мерки за задржување на студентите и младите кадри во земјава.

Предлог-законот за високо образование не се креира зад затворени врати, туку преку дебати со универзитетите, тој е заедничко решение со академската заедница и верувам дека ќе даде резултати. Ова не е закон на Владата, ова не е политичко, туку државно прашање, од кое зависи иднината на земјата и на нашите млади, кои сега не препознаваат квалитет во домашното високо образование, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски.

На прес-конференција во Владата, заедно со министерката за образование и наука Весна Јаневска и ректорите на јавните универзитети, Мицкоски нагласи дека образованието е темел на општеството и дека е време да се стави крај на, како што рече, долгогодишните „експерименти“.

Според него, новото законско решение треба да одговори на реалните предизвици во системот, со фокус на подобрување на квалитетот и задржување на младите во државата. Како една од клучните новини, ги посочи предностите за најдобрите студенти при вработување на државните универзитети, како и воведувањето нов модел на финансирање на високообразовните установи.

Премиерот информираше дека буџетот за универзитетите изнесува 7,5 милијарди денари и дека ќе продолжи трендот на негово зголемување, со поголем фокус и на поддршката на научната дејност.

Министерката Весна Јаневска истакна дека во креирањето на законот се вградени забелешките од јавните дебати на универзитетите и дека станува збор за инклузивен процес кој треба да донесе поквалитетен образовен систем.