Собраниска делегација во Хрватска за размена на искуства за евроинтеграциите
Пратеници од Собранието на Република Северна Македонија ја почнаа студиската посета на Хрватска, со фокус на искуствата од пристапувањето во ЕУ и јакнење на билатералната соработка.

Делегација на Собранието на Република Северна Македонија ја започна студиската посета на Хрватска, која ќе трае до 18 април, во рамки на проект за поддршка на евроинтеграциите.
Во текот на првиот ден, пратениците остварија средби со претставници на хрватските институции, меѓу кои и министерот за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ-Радман, при што беа разменети мислења за процесот на проширување на Европската Унија, улогата на парламентите и потребата од институционална координација.
Делегацијата дискутираше и со поранешната министерка Весна Пусиќ за значењето на политичкиот консензус и транспарентноста во евроинтеграциите, а беа одржани и средби за унапредување на парламентарната соработка и билатералните односи.
Од македонска страна беше истакнато дека посетата е значајна за размена на искуства и зајакнување на партнерството, со најава за натамошна соработка, вклучително и потпишување договор за стратешка соработка.
Хрватските претставници ја потврдија поддршката за европскиот пат на земјава, нагласувајќи ја подготвеноста за споделување на искуства од пристапниот процес. Студиската посета продолжува и во наредните денови со нови средби и тематски сесии.
