Блиски Исток

Растат стравот и неизвесноста на Блискиот Исток

16.04.2026 15:40

По неколку дена закани и продолжување на роковите, Трамп рече дека вечерва ќе биде ден за напади во Иран доколку до 20 часот нема договор за крај на војната. Техеран го одби примирјето и понуди свои услови. Иранското раководство истакна дека 14 милиони луѓе се пријавиле доброволно да го жртвуваат животот во војната. Израел со порака до иранските граѓани да не ги користат возовите.

Белата куќа негира дека САД побарале продолжување на двонеделното примирје со Иран – кое истекува на 22-ри април. Од администрацијата на Трамп велат дека дискусиите околу можна втора рунда мировни преговори се продуктивни. Пакистан вложува максимални дипломатски напори за намалување на тензиите на Блискиот Исток.

„Остануваме многу ангажирани во преговорите. Слушнавте директно од потпретседателот и од претседателот оваа недела дека овие разговори се продуктивни и во тек. Исто така, видов некои извештаи за можноста за лични разговори. Повторно, тие разговори се водат, но ништо не е официјално додека не го чуете тоа од нас тука во Белата куќа“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.

По „Епски бес“ САД ја почна операцијата „Економски бес“ со секундарни санкции за сите земји чии банки држат пари поврзани со Иран или купуваат иранска нафта. Најзасегнати се финансиските институции во Кина, Хонгконг, Обединетите Арапски Емирати и Оман.

„Иран е, или порано беше, најголемиот државен спонзор на тероризмот. Кина купуваше повеќе од 90 проценти од нивната нафта, што е околу 8 насто од енергетските потреби на Кина. Веруваме дека оваа блокада во теснецот ќе направи пауза во кинеската купување“, изјави Скот Бесент, секретар за финансии на САД.

Иранскиот претседател упати критики за акциите на САД.

„Напаѓаат училишта и породилишта во болниците, тие не почитуваат никакви хуманитарни принципи. Тоа е срамно и светот треба да го види ова. Тие тврдат дека сме терористи, но тие се вистинските терористи кои масакрираат каде било, кога сакаат“, рече иранскиот претседател, Масуд Пезешкијан.

Израелскиот премиер вели дека се подготвени за секакво сценарио во војната и најави дека ќе продолжат со притисокот врз Хезболах. Продолжува дијалогот Израел – Либан, но на терен, мирот и натаму е далечен.

„Водиме преговори со Либан. Овие преговори не се одржале 40 или повеќе години. Тие се одржуваат сега затоа што сме многу силни, а земјите доаѓаат кај нас. Во преговорите со Либан, постојат две централни цели, прво, разоружување на Хезболах и второ, одржлив мир. Мир преку сила“, истакна израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.

Израелската армија доби наредба да ги ликвидира сите борци на Хезболах во јужен Либан.

Маријана Димовска