Мистерија на Егејот: Исчезна прилепчанка која работела на брод

17.09.2014 17:04

Семејството за исчезнувањето било известено во петокот попладнето, од страна на првиот офицер на бродот, кој рекол дека Дениса ја нема и дека најверојатно е падната во морето...

Нема ни трага ни глас од 23 годишната прилепчанка Дениса Маркоска, која во петокот на 12 септември во раните утрински часови, мистериозно исчезнува од рускиот бродот Серенисима, каде работела и кој во моментот на исчезнувањето пловел од островот Родос кон Крит.

Како што не информираше таткото на Дениса, Кире, кој видно вонемирен не сакаше да дава изјава во камера, таа последен пат на бродот била видена во 2.30 часот утрината, од бродот дека ја нема откриваат дури во 5 часот кога и звонел алармот за разбудување а неа ја немало во кабината. Семејството на Дениса се прашува зошто кога откриле дека ја нема, бродот не застанал туку продолжил уште 3 часа да плови кон Крит, и дури во 8 часот утрината е известена грчката полиција.

Семејството за исчезнувањето било известено во петокот попладнето, од страна на првиот офицер на бродот, кој рекол дека Дениса ја нема и дека најверојатно е падната во морето. Од бродот се правдале дека ниту на камерите не забележале ништо, бидејќи тие снимале само во риал тајм, а не архивирале. Последен пат Дениса се слушнала со нејзината мајка на 7 септември, кога и бил и 23-тиот роденден. Од тогаш до 12 септември, си пишувале на ФБ, но според разговорите се било во ред. Дениса на бродот работела една година, а пред неколку дена добила и продолжување на договорот, за што според таткото била многу среќна. И соседите на Дениса денеска беа во шок.

„Многу мирно девојче беше, не беше палава, комуникативна, со сите беше добра, родителите не знаат што се случило, каде таа исчезнала, никој не им кажува“, велат соседите.

Од македонското МНР информираат дека грчката полиција интензивно трага по Дениса, дури било надлетувано и морето со хеликоптери. Но засега немаат никаков одговор.

„Утре ќе имаме повеќе информации од грчките власти. Знаеме само дека ќе биде инволвиран и Интерпол и се што е во наши можности ќе направиме за да се реши во овој случај“, велата од МНР.

И од страна на МВР било известено интерпол во атина, но и од таму засега нема ништо.

Дарко Штаргоски