Влада

Предлог-законите за високо образование пред финале

16.04.2026 17:08

Предлог-законите за високо образование пред финале. Премиерот Мицкоски вели дека текстот не се креирал зад затворени врати туку преку дебати со универзитетите и тоа е решение што треба да даде резултати. Според него, ова не е политичко, туку државно прашање од кое зависи иднината на младите.

Крај на експериментите и импровизациите, почеток на системски решенија што ќе ги задржат младите во земјава. Владата и академската заедница на заедничка маса, согласни оти новиот Предлог-закон ќе го унапреди квалитетот на високото образование и ќе го вброи во Шангајската листа. МОН прифати голем дел од забелешките, а конечната верзија на текстот велат меѓу другото ќе значи поголема автономија и стабилно финансирање на државните универзитети, построги критериуми за унапредување во научни звања, повеќе пари за истражувачката дејност.

Ректорите на 6-те државни универзитети кои беа вклучени во изработката на Предлог-законот задоволни што нивните предлози се прифатени, посебно во делот на петгодишното финансирање и поголемата соработка со бизнис заедницата. Студентите иако беа дел од телото кое работеше на измените имаат низа забелешки, најмногу за како што велат недостатокот од капитални инвестиции на најголемиот државен универзитет.

Последниот Закон за високо образование бил донесен во 2018-тата година, без ниту една јавна дебата, тврдат од МОН посочувајќи дека на тој начин била направена катастрофална штета.

 

Викторија Милевска