Дипломатска офанзива за ставање крај на тензиите на Блискиот исток
Пакистан во дипломатска офанзива за ставање крај на тензиите на Блискиот исток. Но, натаму нема конкретен датум за нова рунда разговори меѓу САД и Иран. Од Белата куќа демантираат дека барале продолжување на двонеделното примирје. Вашингтон најави економски притисок врз Техеран и партнерите со воведување секундарни санкции. На удар ќе бидат компаниите кои купуваат иранска нафта.

Белата куќа негира дека САД побарале продолжување на двонеделното примирје со Иран – кое истекува на 22 Април. Од администрацијата на Трамп велат дека дискусиите околу можна втора рунда мировни преговори се продуктивни. Пакистан вложува максимални дипломатски напори за намалување на тензиите на Блискиот Исток.
„Остануваме многу ангажирани во преговорите. Слушнавте директно од потпретседателот и од претседателот оваа недела дека овие разговори се продуктивни и во тек“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.
По „Епски бес“ САД ја почнаа операцијата „Економски бес“ со секундарни санкции за сите земји чии банки држат пари поврзани со Иран или купуваат иранска нафта. Најзасегнати се финансиските институции во Кина, Хонгконг, Обединетите Арапски Емирати и Оман.
„Иран е, или порано беше, најголемиот државен спонзор на тероризмот. Кина купуваше повеќе од 90 проценти од нивната нафта, што е околу 8 насто од енергетските потреби на Кина. Веруваме дека оваа блокада во теснецот ќе направи пауза во кинеската купување“, рече Скот Бесент, секретар за финансии на САД.
Иранскиот претседател упати критики за акциите на САД.
„Тие тврдат дека сме терористи, но тие се вистинските терористи кои масакрираат каде било, кога сакаат“, нагласи Масуд Пезешкијан, претседател на Иран.
Израелскиот премиер вели дека се подготвени за секакво сценарио во војната и најави дека ќе продолжат со притисокот врз Хезболах. Продолжува дијалогот Израел – Либан, но на терен, мирот и натаму е далечен.
„Во преговорите со Либан, постојат две централни цели, прво, разоружување на Хезболах и второ, одржлив мир. Мир преку сила“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Израелската армија доби наредба да ги ликвидира сите борци на Хезболах во јужен Либан.
Маријана Димовска
