Отсуство на сведоци ја одбележа расправата за „Пулс“
Ниту еден од четворицата поканети сведоци на обвинителството не дојде на закажаната главна расправа за случајот „Пулс“. За двајца од нив ќе се бара психијатриско вештачење за да се утврди дали можат да дадат исказ на судењето. Другите двајца не се достапни за органите на прогонот.

Ниту еден од четворицата сведоци на обвинителството не дојде на главната расправа за случајот „Пулс“. За двајца од нив беше побарано и одобрено психијатриско вештачење за да се утврди дали се подобни да дадат исказ со оглед на тешката психофизичка состојба на која се пожалиле.
На овие двајца сведоци судот ќе им испрати покани, но ако не бидат пронајдени, МВР ќе треба да достави известување каде се, а нивните искази дадени во истрага да се прочитаат на главната расправа.
Истото се случи и со сведокот Денис Даутовски, соработник на ДНК чиј исказ беше прочитан во негово отсуство. Долги години бил логистичка поддршка на бендот, купувал и активирал прскалки. Рече дека Панчо бил задолжен за прскалките, а се активирале со далечинско на песната „Што сака нека биде“.
Се користеле на отворен и затворен простор, во дискотеки во Скопје, Штип и Гевгелија и за нивна употреба секогаш бил информиран сопственикот на локалот. Сведокот во истрага кажал и дека пет месеци пред настанот се преселил во Германија кога и престанал да контактира со Панчо.
Рочиштето продолжува со распит на нови тројца сведоци на Обвинителството.
Анита Димитријевска - Велковска
