МВР

Две лица приведени за семејно насилство, пријавени шест случаи во едно деноноќие

16.04.2026 20:05

Полицијата интервенирала во повеќе градови низ државата по пријави за физички напади и закани во семејството, при што две лица се лишени од слобода.

Две лица се лишени од слобода, а вкупно шест случаи на семејно насилство се пријавени во текот на изминатото деноноќие, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Во Велес, полицијата приведе двајца мажи на возраст од 44 и 28 години по пријави за физички напад врз сопруга и закани кон родители. Тие се задржани во полициска станица, а за случаите е известен јавен обвинител.

Во Куманово, 23-годишна жена пријавила дека била физички нападната од невенчаниот партнер, додека во Кавадарци, жена пријавила закани од поранешен партнер.

Два случаи се евидентирани и во Скопје – едниот на подрачјето на Карпош, каде жена била нападната од сопругот, а другиот во Гази Баба, каде малолетничка била жртва на физичко насилство од родителите во два наврати.

Од МВР информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случаите и дека по нивно документирање ќе бидат поднесени соодветни пријави.