Продолжена кризната состојба за уште три месеци
До 20 јули е продолжена кризната состојба на територијата на државава, под притисок на глобалните ризици во снабдувањето со нафта и нафтени деривати. Собранието го прифати владиниот предлог. По лошите европски прогнози околу залихите со авионско гориво, министерот за транспорт Николовски уверува, состојбата на нашите аеродроми е стабилна, има резерви на керозин за 90 дена.

Кризната состојба во државата се продолжува за уште три месеци поради високата цена и недостигот на нафта на глобално ниво. Собранието го одобри предлогот на Владата, откако оваа мерка беше воведена на 21 март поради затворањето на Ормускиот теснец. Кризната состојба е неопходна за полесно носење мерки за контрола на цените на горивата и другите производи. Против одлуката реагираше единствено опозициската „Левица“, која смета дека најголемиот товар од енергетската криза го носат граѓаните, додека профитираат снабдувачите.
„Откако ќе ги потрошат резервите кои ги набавиле по цени пред кризата, ќе ги наполнат новите резерви по новите цени и дури и да падне цената на горивото нашите граѓани, додека не се истрошат новите резерви на гориво ќе ја плаќаат максималната цена. каде е асиметријата, тоа значи дека потполно енергетската криза е на грбот на граѓаните“, изјави Амар Мециновиќ – пратеник од „Левица“.
Европа би можела да се соочи со недостиг на керозин доколку Ормускиот теснец не се отвори наскоро. Европските аеродроми предупредуваат дека снабдувањето е загрозено во пресрет на летната туристичка сезона, а постои и ризик од укинување на дел од авиолиниите и поскапување на билетите. Бараат итни мерки од Европската унија – заедничка набавка на керозин, укинување на даноци и увоз на авиогориво од САД.
За разлика од Европа, Македонија има стабилни резерви – керозин за 90 дена. и засега нема откажани летови од скопскиот и охридскиот аеродром.
„Имаме зголемена потрошувачка на керозин на двата аеродроми, што е добро затоа што тоа влегува и во прометот во државата, влегуваат девизи, а дополнително и аеродромот во Приштина се снабдува преку нас. Ние никогаш не ставивме блокада на снабдувањето, иако други држави тоа го прават. Доколку го направевме тоа, ќе требаше да се затвори аеродромот во Приштина. Со самото тоа што го правиме ова, јасно е дека состојбата е добра“, изјави Александар Николовски – вицепремиер и министер за транспорт и врски.
Причината за кризата е нестабилноста на Блискиот Исток и блокадата на Ормускиот теснец – клучна рута низ која поминува голем дел од светската нафта, керозин и гас. Иако има примирје, поморскиот сообраќај сè уште не е нормализиран.
Андријана Ѓурческа
