Блиски Исток

Стапи во сила 10-дневен прекин на огнот меѓу Израел и Либан

17.04.2026 08:49

Израел и Либан постигнаа договор за 10-дневен прекин на огнот. Викендов пак, можна нова рунда директни преговори САД-Иран. Европските лидери подготвуваат нова воена мисија за обезбедување на Ормускиот теснец, но, без директно учество на САД, со цел стабилизација на еден од најкритичните енергетски коридори во светот.

Со експлозии и огномет на улиците на Бејрут стапи во сила 10-дневен прекин на огнот меѓу Израел и Либан. Нетанјаху вели дека договорот претставува историска можност за мир. Израелските трупи ќе останат во безбедносната зона во јужен Либан – што е спротивно на барањето на Хезболах. Израелската опозиција изрази загриженост дека договорот може да и даде простор на милитантната група за дополнително зајакнување на позициите.

„Имаме можност да склучиме историски мировен договор со Либан. Претседателот Доналд Трамп има намера да ме покани мене и претседателот на Либан за да се обидеме да го унапредиме овој договор. Оваа можност постои затоа што, од војната во Газа фундаментално го променивме балансот на моќ во Либан“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

ООН задоволни од одлуката на Тел Авив и Бејрут.

„Ги поздравуваме чекорите што би ставиле крај на непријателствата и страдањата од двете страни на сината линија. Обединетите нации, преку нашите политички и мировни мисии, остануваат подготвени да ги поддржат овие напори и продолжуваат да се залагаат за целосно спроведување на Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност, а тоа целосно спроведување е во насока на траен прекин на огнот и долгорочно решение на конфликтот“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на ООН.

За претседателот Трамп, прекинот на огнот во Либан отстранува голема пречка за пошироките мировни разговори со Иран. Шефот на Белата куќа ги пофали мировните напори на Исламабад и изјави дека постои можност лично да отпатува во Пакистан за потпишување мировен договор за прекин на конфликтот со Техеран. Нова рунда директни преговори би можела да се одржи во текот на викендот.

„Не сакам да мудрувам. Не сакам да зборувам прерано. Но, се справуваме многу добро. Забележавте дека се справуваме многу успешно и ќе кажам дека војната во Иран оди глатко. Можеме да правиме што сакаме. И треба да биде – треба да заврши наскоро. Беше и е совршено“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Трамп оцени дека евентуален договор би придонел за слободна пловидба низ Ормускиот теснец, што би имало позитивно влијание врз глобалниот енергетски пазар.

 

Маријана Димовска