Израел и Либан постигнаа договор за 10-дневен прекин на огнот
Израел и Либан постигнаа договор за 10-дневен прекин на огнот. Викендов пак, можна нова рунда директни преговори САД-Иран. Европските лидери подготвуваат нова воена мисија за обезбедување на Ормускиот теснец, но, без директно учество на САД, со цел стабилизација на еден од најкритичните енергетски коридори во светот.

Со експлозии и огномет на улиците на Бејрут пречекан 10-дневниот прекин на огнот меѓу Израел и Либан. Спротивно на барањето на Хезболах, израелските трупи ќе останат во безбедносната зона од 10 километри во јужен Либан, испратено е предупредување до жителите да не се движат јужно од реката Литани. Израелската опозиција изрази загриженост дека договорот може да и даде простор на милитантната група за дополнително зајакнување на позициите.
„Имаме можност да склучиме историски мировен договор со Либан. Претседателот Доналд Трамп има намера да ме покани мене и претседателот на Либан за да се обидеме да го унапредиме овој договор. Оваа можност постои затоа што, од војната во Газа фундаментално го променивме балансот на моќ во Либан“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.
Хезболах навести дека ќе се држи до прекинот на огнот – но исто така рече дека тековната окупација на Израел им дава на Либанците право да се спротивстават. Обединетите нации го поздравија договорот и повикаа на негово целосно почитување.
„Ги поздравуваме чекорите што би ставиле крај на непријателствата и страдањата од двете страни на сината линија. Обединетите нации, преку нашите политички и мировни мисии, остануваат подготвени да ги поддржат овие напори и продолжуваат да се залагаат за целосно спроведување на Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност, а тоа целосно спроведување е во насока на траен прекин на огнот и долгорочно решение на конфликтот“, изјави Стефан Дујарик – портпарол на ООН.
За претседателот на САД, прекинот на огнот во Либан отстранува голема пречка за пошироките мировни разговори со Иран. Шефот на Белата куќа ги пофали мировните напори на Исламабад. Нова рунда директни преговори би можела да се одржи во текот на викендот. Трамп оцени дека евентуален договор би придонел за слободна пловидба низ Ормускиот теснец, што би имало позитивно влијание врз глобалниот енергетски пазар.
„Не сакам да мудрувам. Не сакам да зборувам прерано. Но, се справуваме многу добро. Забележавте дека се справуваме многу успешно и ќе кажам дека војната во Иран оди глатко. Можеме да правиме што сакаме. И треба да биде – треба да заврши наскоро. Беше и е совршено“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Велика Британија и Франција денеска претседаваат со состанок на кој учествуваат 40 земји за враќање на слободата на пловидба во Ормускиот теснец. На маса потенцијалното распоредување на одбранбена мултинационална воена мисија со цел да се обезбеди слобода на пловидбата. Лидерите ќе се фокусираат на поддршка на кревкиот прекин на огнот меѓу Иран и САД кој истекува на 22 Април.
Маријана Димовска
