Влада

Можно намалување на ДДВ-то за одредени сезонски производи

17.04.2026 13:46

Состојбата со цените на храната се следи дневна основа, во зависност од тоа како ќе се движат ќе се реагира – дециден е премиерот Мицкоски. Владата веќе испратила порака до трговците да не ги зголемуваат маржите, туку да ги намалуваат, за да се зголеми обемот на продажба. Во однос на нафтата и нафтените деривати Македонија е енергетски стабилна, изјави Мицкоски. Вели, имаме најевтини горива и доволни резерви за граѓаните и бизнисот.

Владата размислува за намалување на ДДВ–то од пет на нула насто за одредени сезонски производи како мерка за стабилизирање на цените на храната. Ќе се следат на дневна основа и соодветно ќе се реагира. Трговците ја примиле пораката од Владата да не ги зголемуваат, туку да ги намалуваат маржите, со цел да се зголеми обемот на продажба. Голем дел од цените се увозни, па ако поевтинат таму ќе поевтинат и тука.

Стабилна е засега состојбата со керозин, нафта, нафтени деривати и бензини, уверува премиерот Мицкоски по најавите на Меѓународниот совет на аеродроми за евентуален недостиг на керозин, доколку не се нормализира пловидбата низ Ормутскиот теснец. Има доволни количини и во државните резерви, но и во цевководот кој го поврзува Солунското пристаниште со рафинеријата ОКТА. Потрошувачката е зголемена, бидејќи имаме најевтини горива во регионот, па голем број граѓани од соседството точат од нашите бензински пумпи. Засега не се размислува за ограничување на точење гориво во пограничните места. Се извезува и керозин на неколку аеродроми. Доколку се продлабочи кризата Владата ќе настапи со нова стратегија.

На владина седница ќе се даде препорака до РКЕ во делот на акцизите за дизелот и бензините. Ако цената е помеѓу 800 и 1.000 долари по тон, акцизата ќе се намали за еден денар по литар, ако е од 1.000 до 1.200 долари за 2 денари.

 

Александра Велинова