Блиски Исток

Со експлозии и огномет на улиците на Бејрут, пречекан 10-дневниот прекин на огнот меѓу Израел и Либан

17.04.2026 20:10

Израел и Либан постигнаа договор за 10-дневен прекин на огнот кој би требало до води до мировен договор. Шефот на Белата куќа вели дека е многу блиску и договорот меѓу САД и Иран. Викендов се очекува нова рунда директни преговори. Во исто време, Лондон и Париз подготвуваат стратегија за слободна пловидба низ Ормускиот теснец, но без директно учество на САД.

Со експлозии и огномет на улиците на Бејрут пречекан 10-дневниот прекин на огнот меѓу Израел и Либан. Спротивно на барањето на Хезболах, израелските трупи ќе останат во безбедносната зона од 10 километри на југ, жителите се предупредени да не се движат јужно од реката Литани.

„Бев исклучително среќна затоа што можевме брзо да се вратиме во селото и бидејќи прекинот на огнот се случи толку ненадејно. Како што можете да видите, тие го уништија целото село, по последното израелско предупредување“.

„Се надеваме дека ќе има вистинско примирје и дека владата може да наметне вистинско примирје преку медијаторите, иако не знаеме колку се фер, но се надеваме дека се праведни“.

Според Израел, примирјето треба да создаде услови за продолжување на преговорите. Хезболах навести дека ќе се држи до прекинот на огнот. Израелската опозиција е загрижена дека договорот може да и даде простор на милитантната група за дополнително зајакнување на позициите.

„Имаме можност да склучиме историски мировен договор со Либан. Претседателот Доналд Трамп има намера да ме покани мене и претседателот на Либан за да се обидеме да го унапредиме овој договор. Оваа можност постои затоа што, од војната во Газа фундаментално го променивме балансот на моќ во Либан“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Меѓународната заедница го поздрави договорот и бара негово целосно почитување.

„Ги поздравуваме чекорите што би ставиле крај на непријателствата и страдањата од двете страни на сината линија. Обединетите нации, преку нашите политички и мировни мисии, остануваат подготвени да ги поддржат овие напори и продолжуваат да се залагаат за целосно спроведување на Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност, а тоа целосно спроведување е во насока на траен прекин на огнот и долгорочно решение на конфликтот“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на ООН.

За претседателот на САД, прекинот на огнот во Либан отстранува голема пречка за пошироките мировни разговори со Иран. Шефот на Белата куќа ги пофали мировните напори на Исламабад. Нова рунда директни преговори би можела да се одржи во текот на викендот. Кревкиот прекин на огнот истекува на 22 Април.

„Не сакам да мудрувам. Не сакам да зборувам прерано. Но, се справуваме многу добро. Забележавте дека се справуваме многу успешно и ќе кажам дека војната во Иран оди глатко. Можеме да правиме што сакаме. И треба да биде – треба да заврши наскоро. Беше и е совршено“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Велика Британија и Франција иницираа состанок со 40-тина земји за враќање на слободата на пловидба во Ормускиот теснец. На маса стратегијата за распоредување на одбранбена мултинационална воена мисија за слободна пловидба.

Маријана Димовска