По 40 дена заглавени во земјава, четворицата Индијци се вратија дома
Четворицата Индијци кои беа заглавени речиси 40 дена во земјава поради недоразбирањата со авиокомпанијата конечно пристигнаа дома. Изразија благодарност до Македонската телевизија што ги пренесе нивните пораки...

Во солзи радосници и прегратки за добредојде беа пречекани од своите семејства во родната Индија, Абдул Вахид и тројца негови сонародници. Откако МТВ објави дека се заглавени речиси 40 дена во земјава поради недоразбирањата со авиокомпанијата тие добија зелено светло и гаранции од аеродромските власти во Скопје, Истанбул, Баку, Мумбаи и родното Кочи да отпатуваат.
„Конечно стигнавме во нашата земја. Ова беше многу лошо и опасно патување. Сите проблеми ги правеше „Катар ервејс“. Требаше да стигнеме на 18-ми март, билетите ни беа откажани, а „Катар ервејс“ не презема одговорност, не одговори на нашите пораки. Заради тоа во Македонија останавме 40 дена. Без пари и оставени сами на себе се поради „Катар ервејс“. Доаѓањето овде се оствари преку „Азербејџан ервејс“, изјави Абдул Вахид Кунатедат Манил.
Овие луѓе работеа легално во земјава како електричари со вишо образование. Кога на 8-ми март требаа да си заминат на аеродромот во Скопје поради ескалацијата на војната на Блискиот Исток не им беше дозволено да летаат. Македонските власти им го продолжија престојот до 28-ми март, но повторно авиокомпанијата не ги прими на летот оставајќи ги во немилост. Дури на 12 април и после неколку дена пристигнаа во своите домови.
„Стигнав дома и му се придружив на моето семејство. По многу тешко патување со „Азербејџан ервејс“. Сакам да изразам благодарност до Македонската телевизија и до госпоѓата Фиљана што ги пренесе нашите пораки“, изјави Абдуссамед Палаккал.
Ако сме успеале да помогнеме тогаш сме на правиот пат.
Фиљана Кока
