Дали Шкотска ќе може да живее од нафта и виски?!
Ден пред референдумот кој ќе реши дали нова држава ќе се запише во историјата, измешани чувства во Шкотска, светот следи со молк. Приказната за оваа независност се издвои како најмирна, времето ќе каже дали ќе биде успешна. Тоа пред се зависи од тоа дали ќе успее да ја преструктурира економијата...

Ако се отцепи, Шкотска може да ја загуби фунтата и ќе мора да се врати на старата валута – овци и ќотек – кисело се шегуваат Британците. Шегата на страна, Шкотска е богата земја – 14-та во светот, пред Обединетото кралство на 18-то место. Приходите од нафтата го кренаа шкотското БДП на 115 проценти од британското ниво, што им оди во прилог на националистите. Сепак, експертите предупредуваат – Шкотска беше тешко погодена од рецесијата и во најголемиот ек, во 2009-тата, доста заостана од Обединетото Кралство.
„Ќе имаме рецесија, ако не и депресија, со високи каматни стапки, повисоки даноци, помало јавно трошење, силен удар врз шкотската економија, особено врз трговскиот сектор“, вели Билал Хафез од Дојче Банка.
Шкотите сметаат дека можат да живеат и од вискито. Тоа им е вториот најголем извоз по енергијата од Северното Море. Алкохолната индустрија не е загрижена поради новите царински бариери, а шкотското виски е дел од новата економска политика, скроена по мерка на локалните потреби за поттикнување на растот.
„Шкотското виски преживеа војни и револуции. Правиме виски повеќе од 500 години, но ова е навистина голема одлука“, изјави Дејвид Вилијамсон, Шкотска асоцијација за Виски.
„Продажбата на виски може да скокне поради промоцијата на Шкотска“, смета Алан Мекконочи, дестилерија „Глен Дронах“.
И покрај тврдењата дека Шкотска може да ја исцрпи нафтата до 2050 година, сепак таа останува пресудна карта.Шкотите сакаат да следат една друга економска политика – таа на Норвешка. Дури и да го загубат членството во Европската унија и субвенциите што доаѓаат со него, целта им е да создадат нафтен фонд со кој директно ќе го поддржуваат социјалното трошење и економијата.
Иако референдумот го дестабилизираше пазарот во изминатите денови и уште нема одговори на многу клучни прашања, Шкотска е сигурна дека има што да понуди – освен нафтата и вискито, има голем удел во извозот на храна и пијалоци, услуги и технологија, енергија од обновливи извори. Единбург сака да ги земе своите приоритети во свои раце и веќе да не бидат поттурнувани на листата на Лондон.
Ивана Салтировска
