Охрид

Со љубов и упорност - соништата стануваат реалност

19.04.2026 14:15

Елена Лотеска Наумовска е првата жена во Македонија која се стекна со сертификатот заповедник на брод. Таа е уште еден пример дека нема само женски или машки професии, туку само љубов кон она за коешто сме сонувале како деца, многу труд и знаење...

Ретки се личностите чии детски соништа стануваат реалност. Меѓу оние најсреќните се вбројува охриѓанката Елена Лотеска Наумовска чија желба да управува со брод кога имала само седум, осум години се оствари во јануари кога стана првата жена заповедник на брод во Македонија. Се започнало во текот на летата кога секојдневно со својот татко, кој исто така е заповедник на брод крстарела низ Охридското Езеро.

„Моите први почетоци беа кога тој крстареше со бродот Македонија, јас бев трето, четврто одделение. Тогаш за прв пат ми го даде кормилото да возам правец за Свети Наум и тоа беше љубов на прв поглед. Се пронајдов тука, не ми претставуваше никаков проблем, напротив уживав во секој момент“, изјави Елена Лотеска Наумовска – заповедник на брод.

Скршив една бариера кога станува збор дали тоа е машка или женска професија, вели Наумовска. Притоа изразува надеж дека нема да биде единствената жена капетан на брод во земјава и дека во иднина ќе има и други девојки коишто ќе се занимаваат со таа професија“.

„За жал уште има тука на Балканот такви стереотипи, меѓутоа јас лично немав голем отпор, бидејќи тие што се тука на пристаништето знаат дека буквално од дете сум тука. Голема подршка имав секако од семејството, мојот татко, моите родители и мојот сопруг“, додава Елена Лотеска Наумовска – заповедник на брод.

Елена со насмевка вели дека не треба да се има сила за да се управува брод, бидејќи тоа е сепак само техника што се учи доколку се има љубов кон професијата.

Сашо Нелоски