Ќе се опремуваат службите за итна медицинска помош во Југоистокот
Со средства од ЕУ преку програмата за прекугранична соработка со Грција, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ќе набавува возила и опрема за службите за брза помош во овој дел на државата за итни срцеви случаи…

Обука на здравствени работници, набавка на амбулантни возила, но и опрема за реагирање при срцеви итни случаи. Ова е целта на проектот „Прекугранична област, безбедна за срцето“ што Центарот за развој на Југоисточниот плански регион од Струмица ќе го реализира со болницата Ахепа од Солун но и Друштвото за итна претхоспитална нега од Грција.
Со имплементацијата на проектот се очекува да се унапреди системот за итна медицинска помош во здравствените установи во Југоистокот и подготвеноста за реагирање при срцеви итни случаи.
Со проектот се планирани и 60 обуки за укажување прва помош со користење дефибрилатори како за медицински персонал така и за вработени во повеќе институции и граѓани од Југоистокот.
Служби за итна медицинска помош во Југоистокот функционираат во Радовиш Струмица Валандово и Гевгелија кои имаат свои пунктови и во дел од помалите општини.
Ване Трајков
