Претседателката Сиљановска-Давкова се обрати на „Панелот на лидери“ на Дипломатскиот форум во Анталија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на „Панелот на лидери“ на Дипломатскиот форум во Анталија. Во врска со Западниот Балкан, Сиљановска-Давкова го реафирмираше ставот дека евроинтеграциите не се само политичко, туку и безбедносно прашање, а отпорноста на трети страни е возможна само ако сме внатре во ЕУ...

Повеќе од кога било на светот му се потребни одговорни лидери, рано предупредување на ризиците, како и превентивна, наместо реактивна дипломатија. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на „Панелот на лидери“ на Дипломатскиот форум во Анталија. Во врска со Западниот Балкан, Сиљановска-Давкова го реафирмираше ставот дека евроинтеграциите не се само политичко, туку и безбедносно прашање, а отпорноста на трети страни е возможна само ако сме внатре во ЕУ.
Според неа, меѓународното право не може да се применува и почитува, без силни и стабилни меѓународни институции. Таа укажа на неодложната потреба од длабока реформа на ОН, но и на Европската унија, со оглед на фактот што обете беа формирани како неопходни мировни проекти, а се соочуваат со војна.
Панелистите ги искажаа своите ставови за клучните глобални предизвици и неизвесности со кои се соочува меѓународната заедница во 2026 година, со фокус на прашањата за геополитичките тензии, економска нестабилност, климатските ризици, технолошките трансформации и безбедносните закани.
На маргините на форумот министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски учествува на третиот Министерки состанок на балканската платформа за мир, заедно со колегите од западен Балкан.
Игор Панов
