Куманово

Со анестезиолози од страна работи кумановската болница

18.04.2026 13:01

Кумановската болница од лани остана без вработен анестезиолог. Последните четворица заминаа во пензија. Во моментов проблемот се решава со ангажирање на анестезиолози од Скопје, како и еден пензиониран лекар. Недостига и средно технички персонал …

Со ангажирање на анестезиолози од болниците и клиниките од Скопје, како и еден пензиониран лекар, функционира кумановската болница. Установата од лани остана без ниту еден вработен специјалист по анестезиологија. Последните четворица заминаа во пензија. Во моментов болницата има пет лекари на специјализација. Едната треба да заврши во јуни годинава, втората во октомври идната година, а останатите во 2030 година.

„Проблемот што го затекнавме во општа болница Куманово се трудиме да го решиме на најдобар можен начин. Имаме договорено со КАРИЛ, ГАК 8-ми септември, градската болница, сега имаме договор со штипската болница, доаѓаат анестезиолози од Скопје, го решаваме до некаде успешно не можам да кажам целосно, но сè додека не добиеме наши специјалисти анестезиолози не можеме да кажеме дека конечно сме го решиле“, истакна директорот Сашо Стошевски.

Решението на овој проблем го гледа во изработката на национална стратегија.

„Ќе се даваат специјализации само за оние специјалности кои реално ни недостасуваат или фалат во општата болница и другите болници, клиники, што реално ако државата плаќа за специјализации треба да плати за оние специјалности што ни фалат“, дополни тој.

Наскоро ќе се распише конкурс за вработување на средно технички персонал. Очекуваат вработување и на уште 20-ина специјализанти.

Кумановската болница го покрива североисточниот регион, односно овозможува услуга за над 200.000 жители од шесте општини.

Елена Георгиевска