транспорт

Николоски: Скопскиот и охридскиот аеродром лидери во регионот

18.04.2026 10:01

Скопскиот и охридскиот аеродром лидери во регионот, потврдено и од меѓународните медиуми. Меѓународниот аеродром Скопје останува лидер во регионот со раст од 32% споредбено со истиот период минатата година“, објави на својот фејсбук профил, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски...

Во првите месеци од годинава, македонските аеродроми бележат раст од 30% по број на патници и околу 20% по број на операции, што ги потврдува политиките на Владата за развој на авиосообраќајот во Македонија.

Само од почетокот на оваа година се воведоа нови авиолинии од Скопје кон Неапол и Будимпешта, односно од Охрид кон Милано и Братислава.

Дополнително, во текот на месец јули од Охрид започнува да оперираат линиите кон Катовице и Вроцлав, а од Скопје кон Палермо и Алгеро, со што за речиси две години од работа на оваа Влада, се воведоа 24 нови авиолинии кон европските центри, што е рекордна бројка на ново воспоставени авиолинии.

Развојот на авиосообраќајот останува меѓу приоритетите на Министерството за транспорт и тоа го докажуваме со реализација на проектот за реконструкција, надградба и проширување на аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, со што дополнително ќе го зголемиме капацитетот за патници и авио операции.

Вицепремиерот Николоски, истакнува дека оваа година се очекува да се надмине бројот на патници од 3,5 милиони, а во следната година да достигне и до 4 милиони патници, што е резултат на актуелниот модел на привлекување на авиолинии.

„Во однос на актуелните состојби со горивата, Македонија има стабилна состојба, во континуитет се врши координирање со сите институции и засега авиосообраќајот се одвива непречено“, стои во објавата на вицепремиерот Николоски.