Здравство

Деменцијата во пораст, погодува и лица под 65 години

18.04.2026 18:05

Деменцијата бележи загрижувачки пораст и веќе не е болест само на старите. Сè почесто се дијагностицира и кај лица под 65 години, при што текот на болеста е побрз и потежок, алармираат лекарите. Најголем предизвик е недостигот на институции за згрижување на пациентите…

Деменцијата, тивкиот крадец на спомените, се смета за „чума на 21-от век. Некогаш болест на популацијата над 65 години, денес ги погодува и помладите. Во Охрид има дваесеттина пациенти со рана деменција – со побрза прогресија и потешка прогноза.

Експертите предупредуваат на развојот на болеста влијаат дебелината, пушењето, алкохол, дијабет и социјална изолација.

„Значи, освен деменцијата што е карактеристична, освен тоа што пропаѓа свежата меморија доаѓа до промена на личност. Значи личноста може да стане или еуфорична или да се повлече или подепресивна, да стане да се измени, да стане понеспретна. Работите што ги завршувала, да не знае да ги заврши“, посочува д-р Јулијана Василеска, психијатар.

Со напредување на болеста се јавуваат сериозни невролошки нарушувања, слабеење на мускулатурата и компликации како пневмонија. Раното препознавање е клучно, бидејќи иако не постои лек, терапијата може да ја забави болеста.

„Терапијата е симптоматска и терапијата делува на пролонгирање на периодот. Да не оди до толку брзо пропаѓање. Терапија за лечење на болеста нема, не постои. Меѓутоа, пак апелирам дека е неопходно на први знаци кога ќе приметат промена на личност, да се дојде порано за да може да се воведе терапија затоа што кога се помлади подобро ја прифаќаат терапијата“, вели докторката Василеска.

Еден од најголемите предизвици е грижата за пациентите со деменција, во услови кога сè повеќе стари лица живеат сами, во земјава недостасуваат соодветни институции и обучен кадар.

Соња Рилковска