Европа се соочува со сериозен ризик од недостиг на гориво за авиони
Поради тензиите на Блискиот Исток и блокадата на Ормускиот теснец, Европа се соочува со сериозен ризик од недостиг на гориво за авиони. Авиокомпаниите веќе ги прилагодуваат своите капацитети, додека институциите разгледуваат итни мерки за да се избегне колапс на летната туристичка сезона. Во Македонија има доволно керозин и се точи на двата аеродроми...

Европа се подготвува за можни нарушувања на авиосообраќајот ова лето поради недостиг на гориво за авиони. Европските авиокомпании предупредуваат дека доколку снабдувањето со гориво за авиони итно не се стабилизира ќе следува масовно откажување на летови и приземјување на авионите. Европската комисија подготвува план за интервенција со ослободување на резервите на гориво доколку продолжи ситуацијата со Ормускиот теснец што ја намали доставата на нафта кон Европа.
„Во моментов нема недостиг на гориво во Европската унија, но се подготвуваме за можен недостиг на гориво за авиони. 70 проценти од потребите се покриваат од европските рафинерии, а за остатокот зависиме од увоз. Ако ситуацијата во Ормускиот теснец продолжи, ЕУ ќе биде подготвена да лансира координирана акција за керозин. Постојат резерви на гориво за авиони и во ЕУ и ако е потребно тие ќе бидат употребени. Но засега пазарот на гориво за авиони се снаоѓа и нема индиции за недостиг што ќе предизвика откажувања на летови“, изјави Маја Ангелова, портпаролка на Европска комисија.
Авиокомпаниите веќе почнаа да реагираат на ситуацијата откажувајќи непрофитабилни линии од своите распореди на летања, воведоа такси за гориво и за чекиран багаж што ги зголеми цените на авиобилетите.
„Во близок контакт сме со сите авиокомпании и здружението уште од почетокот на енергетската криза. Луфтханза работи не само во Германија и Европа, туку и на меѓународно ниво. Шефот на Меѓународната агенција за енергија Фатих Биро, го привлече вниманието на фактот дека се соочуваме со физички недостиг на азиските пазари. И ние во оваа група често дискутиравме за ова. Значи, ако Луфтханза лета за Азија и, на пример, не може да наполни гориво таму, тогаш постои јасен проблем.Тука во Германија, фала му на бога, немаме недостиг“, изјави Катерина Рајхе-федерална министерка за економија на Германија.
Од Владата велат засега во Македонија нема проблем со авиосообраќајот. Имаме доволно резерви на керозин, авиони точат гориво на двата аеродроми, дури и некои регионални се снабдуваат од Македонија.
Ирина Гелевска
